За социјалната шлаканица и болните од ХИВ сида

 Shqip

Сидата денеска е една од модерните болести на современото општество. Главниот акцент во целата оваа приказна се дава на луѓето носители на овој вирус и кои се психолошките ситуации со кои што се сретнуваат.

Длабочината на човековото незнаење може да е многу голема, а некогаш е и толку длабока што повредува други луѓе. Во случајот со сидата незнаењето може најмногу да ги повреди оние кои што имаат вистински и суштински проблеми бидејќи во себе носат болест која што не ги остава да помислат на ништо друго. Овој вирус не се пренесува доколку се поздравите со болниот или со него делите исто работно место. Нема да добиете сида ни доколку го бакнете во образ носителот на вирусот или доколку поразговарате и на момент го натерате да заборави дека оваа болест воопшто постои. ХИВ вирусот може само да се пренесе доколку дојдете во контакт со телесна течност од телото на болниот.

Позади нас останува 2012 година. 365 дена во кои беа откриени дури 34 милиони пациенти болни од ХИВ вирусот ширум светот. 19 милиони ХИВ позитивни лица ширум светот примале нега и поддршка од соодветни здравствени институции. Во Македонија во 2012 се забележани вкупно 166 граѓани болни од сида.

Тестирањата се најлесниот начин за да се изврши проверка за дали сте носител на вирусот. Даниел Калајџиевски, координатор во ХЕРА- асоцијацијата за едукација и истражувања поврзани со сидата во интервјуто за zdravstvo.kauza.mk вели:

„Тестирањето за ХИВ е многу значајно. Раното откривање на ХИВ инфекцијата е значајно од едноставна причина за навремено започнување на третманот. Само навремениот почеток на третманот на инфекцијата може да обезбеди долг и квалитетен живот. Оваа терапија е ефикасна, а во Република Македонија е достапна и бесплатна. Доколку инфекцијата се открие доцна, односно веќе во стадиум на сида, можностите за третман се намалени, но и самиот имунитет е веќе многу намален. Поради тоа навременото откривање е многу важно. Од друга страна правењето на ХИВ тест е единствениот начин да се открие својот ХИВ статус. Никогаш не може да бидеме сигурни во својот статус се додека не направиме ХИВ тест. Оваа инфекција не дава симптоми, така што ние со години може да бидеме позитивни а тоа да не го знаеме. “

Многу познати личности живееа, а и денеска живеат со сидата. Еден од нив е Меџик Џонсон, американски кошаркар, кој што пред јавноста образложи дека е носител на вирусот и дека истовремено се пензионира. Имаше такви кои што му препишаа дека е хомосексуалец, но тој призна дека болеста ја добил како резултат на разузданиот живот и сексот со повеќе стотици жени. Денеска Џонсон е еден од најголемите активисти и покажува како еден човек може да живее со сида.

Сида може да му се случи на секого. Користете презервативи кои што ќе ви помогнат да се заштитите од евентуална појава на сида. Тестирајте се , затоа што тоа ќе ви одземе само 15 минути од вашето време и сетете се на болните од сида. Не е само 1 декември денот кога треба статистиките да се фрлат на телевизиските екрани. Луѓето од сида се болни и останатите 11 месеци од годината. Сетете се на нив, не стигматизирајте и направете им го животот побезгрижен барем за момент.

(532)