Интервју со Даниел Калајџиевски-програмски координатор за млади во ХЕРА

За блогот на zdravstvo.kauza.mk интервју направивме со Даниел Калајџиевски – програмски координатор за млади во ХЕРА. Ќе прочитате за сидата во Македонија, за тоа како се третира или не се третира, за важноста на тестирањето и за тоа колкаво е познавањето на Македонците за оваа болест.

 

6070EF67-FE36-419A-A606-10EF491A7213_w640_r1_s

 

 

Ангел: Дали сидата како болест во здравствениот аспект се третира на добар начин во Република Македонија?

Даниел:Во Република Македонија првата Национална стратегија беше донесена во 2003-та година. Тоа значи дека уште од тогаш прашањата се третираат со еден систематски и сеопфатен пристап. Исто така и пред донесувањето на првата стратегија во нашата земја се преземале мерки за превевенција од ширење на оваа инфекција, како и за третирање на лицата кои што се ХИВ позитивни или болни од сида.

Здравствените институции во соработка со граѓанскиот сектор и сите засегнати страни во континуитет соработуваат со цел да се воспостави систем кој ќе значи национален одговор кон ХИВ. Ова пак исто така Република Македонија го има преземано и како обврска со потпишување на низа меѓународни документи.

Тоа значи дека во Република Македонија се спроведуваат активности за едукација и информирање на населението, едукација на медицински персонал, воспоставување на мрежа на центри за доброволно советување и тестирање за ХИВ, програми за намалување на штети, грижа и третман за лицата кои што живеат со ХИВ и многу други активности.

Во најголемиот дел овие активности се спроведуваат преку странски извори на средства, пред се Глобалниот фонд за борба против сида, туберкулоза и маларија, а во помал дел со средства од националниот буџет.

И на крај одговорот за тоа дали прашањата поврзани со оваа болест се третира на вистинскиот начин не е црно бел. Да во Македонија овие прашања се третираат, но дали на вистинскиот начин потребан е подлабока анализа на повеќе аспекти.

Во овој момент има две клучни прашања кои што треба да бидат решени. Првотото е воспоставување на систем со кој што лицата ќе имаат навремен и континуиран пристап до антиретровирусна терапија. Иако државата одвојува средтсва од националниот буџет, ваков систем не е воспоставен поради најразлични бариери и пречки.

Второто исто така клучно прашање е на кој начин Република Макеоднија ќе ги финансира националните програми за ХИВ, кои што досега се финасираат преку Глобалниот фонд. По повлекувањето на Глобалниот фонд од Република Македонија, државата ќе треба во целост да ги финасира овие програми. Ако тоа не се случи многу значајни интервенции нема да бидат спроведени, а тоа ќе го стави под прашање и националниот одговор кон оваа болест.

 

Ангел:Како ХЕРА се справува со психолошката страна која што сидата ја носи со себе , односно со секојдневните предрасуди и стигматизирањето со кое што се соочуваат пациентите?

Даниел : Уште од самите почетоци ХЕРА преку својот стручен тим на лицата кои што живеат со ХИВ им нудеше секаков вид на поддршка, психолошка, материјална, медицинска, правна се со цел да се справат со целата ситуација. Потоа во соработка со Инфективната клиника беше отворено и советувалиштето во рамките на клиниката. Таму тие исто така ја добиваа сета поддршка што им е потребна. Преку давање на правна помош на лицата им се помага да се борат против одредени ситуации во кои што биле дискриминарани, исто така имаат и психолошка поддршка за тоа како да го откријат својот статус, се разбира доколку сакаат на својот партнер, член на семејството или некој друг. Социјалниот работник им помага во остварување на правата од областа на социјалната заштита, вадење лични документи и друго. Сите овие активности се многу значајни затоа што сидата не е само медицински проблем, туку и социјален. Така што ХЕРА континуирано се грижи лицата кои што живеат со ХИВ да добијат целосна и сеопфатна поддршка.

Она пак што многу значајно е што континуирано се работеше со самите лица за зајакнување на нивната заедница се со цел самите тие да работат на нивна поддршка и самопомош. Пред две години се формираше „Заедно посилни“ работан група за поддршка и самопомош на лицата кои што живеат со ХИВ во Република Македонија. Оваа група денес самостојно спроведува активности за поддршка на оваа заедница. На пример како дел од нивните активности од мината година се спроведува и врсничко советување. Ова значи дека обучени лица од самата заедница преку советување им нудат поддршка за справување со најразлични ситуации на самите припадници на групата.

 

НАДМИНИ ГИ ПРЕДРАСУДИТЕ- НЕ СТИГМАТИЗИРАЈ

НАДМИНИ ГИ ПРЕДРАСУДИТЕ- НЕ СТИГМАТИЗИРАЈ

 

Ангел :Колку луѓе годишно доаѓаат во ХЕРА на тестирање за ХИВ?

Даниел : Последните бројки говорат дека само 0,1% од населенеито во Македонија доброволно, по сопствена иницијатива направиле ХИВ тест. Во оваа бројка се вклучени и тестовите кои што се направени и преку ХЕРА, но и преку другите сервиси за доброволно советување и тестирање за ХИВ низ целата земја.

 

Ангел :Кое е значењето за подигнување на свеста кај граѓаните дека треба да се тестираат за сида?

Даниел : Тестирањето за ХИВ е многу значајно. Раното октривање на ХИВ инфекцијата е значајно од едноставна причина за навремено започнување на третманот. Само навременито почеток на третамнот на инфекцијата може да обезбеди долг и квалитетен живот. Оваа терапија е ефикасна, а во Република Македонија е достапна и бесплатна. Доколку инфекцијата се открие доцна, односно веќе во стадиум на сида, можностите за третман се намалени, но и самиот имунитет е веќе многу намален. Поради тоа навременото октиравње е многу важно. Од друга страна правењето на ХИВ тест е единствениот начин да се открие својот ХИВ статус. Никога не може да бидеме сигурни во својот статус се додека не направиме ХИВ тест. Оваа инфекција не дава симптоми, така што ние со години може да бидеме позитивни а тоа да не го знаеме.

 

 Ангел :Дали граѓаните на Р.Македонија имаат доволно познавања за сидата ?

Даниел : На ова прашање може да се даде одговор и да почнат да се набројуваат бројки и статистики од повеќе истражувања во нашата земја. Но јас едноставно би рекол, се додека мислиме дека „сидата е болест на педери, наркомани и курви“, се додека од некој од пријателите од окружувањето ќе слушнете „па фала богу дека се заразил/а колку партнери смени“, кога ќе слушнете „ма јас не се тестирам сигурен сум јас, нема шанси да имам ХИВ“, се додека некои лекари ќе одбијат да дадат медицинска услуга на лице кои што живее со ХИВ, се додека лицата кои што живеат со ХИВ ќе имаат потешкотии на самотот работно место единствено само затоа што го откриле својот статус, ќе кажам граѓаните во нашата земја не знаат доволно за сидата. Постојано има потреба од информирање на сите за сетоа она што е поврзано со ХИВ.

 

 

 

Даниел Калајџиески

Програмски координатор за млади во ХЕРА

 

Интервјуто го направи Ангел Димитриевски, како дел од обуката за граѓани-новинари поддржана од фондација Метаморфозис

 

 

(559)